Вардар покрај тренерската, влегува и во финансиска криза!?

Тоа што го најавивме минатиот пат, дека одлуката на управата на Вардар да го донесе идниот тренер, Аргентинецот Кристијан Фабиани неколку месеци порано од предвиденото, може да доведе до лоша атмосфера во соблекувалната на црвено-црните – полека почнува да се остварува.

Пред стартот на сезоната, актуелниот лидер на табелата си даде за задача да атакува на двете круни – и во првенството и во Купот, па откако сите помислија дека црвено-црните се на добар пат да го остварат тоа и да се вратат на славните времиња од пред десетина години кога играа во Лига Европа, тотално неочекувани и наеднаш, од канцеларијата добиваме знаци на нефункционално управување, кратковидност и отсуство на одговорност.

Последно е дека на фудбалерите им се доцни со исплата на плати речиси три месеци, а им се должеле и премии во висина од шеесетина илјади евра. Ако се знае дека во професионалниот спорт, финансиската стабилност е првата основа за резултати, тогаш се наметнува прашањето зошто ваков тајминг за ова? Ваква „криза“ може не само да ја искомпромитира тековната сезона, туку да остави и долгорочни последици за понатаму.

Дополнителен апсурд е ситуацијата со тренерската позиција. Во момент кога тимот се подготвува за клучен натпревар и гостувањето утревечер кај Пелистер, на тренинзите почнал да се појавува и новиот тренер Фабиани. Иако актуелниот Гоце Седлоски сè уште формално ја води екипата и треба да ја заврши сезоната пред комплетно да се „префрли“ кај националниот А-тим.

Ако сето ова било планирано да биде транзиција во клубот, тактиката лесно може да се претвори во - конфузија. Фудбалерите се ставени во невозможна позиција да избираат кому да му веруваат, која страна да „ја фатат“, а тоа директно ја урива дисциплината и авторитетот во соблекувалната.

Дербито со Пелистер е натпревар кој лесно може да ја дефинира сезоната за Вардар. Но, наместо фокус на тактика, форма и победа, вниманието е насочено кон долгови, неизвесност и организациски хаос.

Навивачите, кои доаѓаат во сѐ помал број, нема да оправдаат ваква комбинација од финансиска недисциплина и организациска некомпетентност. Зашто, ако клубот има амбиција да остане конкурентен и достоинствен, потребни се итни и транспарентни чекори – исплата на долговите, јасна хиерархија и стабилно раководење.

Во спротивно, Вардар може да загуби и многу повеќе од врвот на табелата...