Вардар си пука во нога: Доаѓа Аргентинец кој прво ќе биде „воајер“, па од лето - тренер!
Станува збор за Аргентинец, човек кој доаѓа од земјата на актуелниот светски шампион, дури и тренер што работел во клубот од каде што изникнал Лионел Меси. Последните најави се дека тој од синоќа е во Скопје, доаѓа порано неколку месеци за да учел јазик, но и да ја прати работата на тимот. Се шпекулира и дека ќе биде сместен во тренинг кампот на вардарци во Хиподром.
Ваков „хибриден“ модел, каде што идниот тренер го набљудува актуелниот од страна, веројатно е реткост, ако не и уникат во светскиот фудбал. Чаршиски кажано, Фабиани треба да биде „воајер“, потег што само може да донесе нервоза и влошување на формата, која во Вардар и не е баш сјајна во последните натпревари. Фабиани ќе почне да учи македонски јазик, што е симпатичен детал, но тоа тешко ќе помогне кога ќе треба да се „преведе“ притисокот од борбата за титула. Се сеќавате на многу сличниот случај со тренерот на РК Вардар, Гиљермо Милано, кој исто така беше Аргентинец? И како тоа неславно заврши, со понижување и губење на титулата на домашен терен...

Во Вардар или подобро речено кај првиот човек на црвено-црните, очигледно владее вербата дека јужноамериканската школа автоматски носи страст, дисциплина и резултати. Но, реалноста, барем досега во случајот на Вардар, била нешто поинаква - културолошки судири, тактичка конфузија и вечна фаза на „адаптација“ која никогаш не завршува. Но, дали некој тоа ќе го брои?
Во последнава година во редовите на актуелниот лидер стигнаа четири фудбалери од Аргентина, за кои може да се каже дека не се далеку од бајаги утнат проект и многу потрошени пари за џабе.
Најстандарден, барем засега е Диего Кастенада, кој ретко е стартер, обично влегува од клупата. Најмногу фама се крена за Јоаким Торес, кој дојде последен, има играно во американската МЛС Лига, од школата на Њуелс Олд Бојс е, од каде што доаѓа и новиот тренер на Вардар. Тој е фудбалер со најголема вредност на Вардар според Трансфермаркт, почна да влегува во тимот, но не отскокнува колку што тоа го најавува неговото педигре.
Иан Пулеио Лукас, кој дојде на полусезоната, ништо нема покажано сега за сега, додека Мануел Куестас е испратен на позајмица во Брера. Аргентинскиот шмек на Вардар беше почна со носењето на двајца кондициски тренери, но тие заминаа (исчезнаа) побрзо отколку што дојдоа.

Да не се лажеме – ФК Вардар моментално е во позиција каде што титулата не е само амбиција, туку обврска. И токму во таков момент, клубот решава да експериментира. Наместо стабилност, добива неизвесност. Наместо континуитет, нов почеток. И тоа со тренер чие најсилно во неговото CV е што играл за Ривер Плејт – што е импресивно, но тоа не значи дека ќе освојува бодови во ПМФЛ.
Ако се суди според досегашните искуства со вакви „експерименти“, ова назначување не само што не гарантира напредок, туку може сериозно да ги намали шансите на Вардар да ја задржи лидерската позиција. Да внесе нервоза кај играчите и моменталниот стручен штаб, затоа што до крајот на сезоната секоја грешка може да биде фатална. А, во лига каде што секој кикс се казнува, воведувањето на непроверен тренер како „надгледувач“ среде војна за титула, во ваков момент изгледа како рецепт за самосаботажа.