Пандевци се махери за Купот – го елиминираа и фаворизираниот Шкупи

Последниот освојувач на македонскиот куп Академија Пандев го елиминираше денеска и фаворизираниот Шкупи за да обезбеди ново полуфинале во најмасовното домашно натпреварување, Купот на Македонија, после триумфот во Струмица со 2-1 во четвртфиналето, а покрај струмичани меѓу најдобрите четири пласман обезбедија очекувано и Македонија ЃП и Струга Трим Лум.

Пандевци кои во мај 2019 година го освоија пехарот и се последни победници во Купот, откако во изминатата сезона поради пандемијата со коронавирус не се доигра сезоната која стигна до полуфинале, сега струмичкиот тим и покрај кризниот период, смената на два тренери досега и преслабите 10 бода досега во Првата лига, сепак покажаа квалитет и ја продолжуваат борбата за нов пехар.

Горан Томовски во 36-та минута и Томислав Илиев во 69-та постигнаа два гола за да ги чокираат чаирчани, па после Вардар кого го елиминираа во минатата осминафинална рунда, сега му земаа мерка на уште еден скопски гигант. Дембо Дарбо го постигна голот за Шкупи, во 63-та минута за да израмни, но Шкупи денеска се лизна и остана без битка за еден од двата трофеи, па сега им останува само трката за шампионската круна.

Македонија ЃП ја распарчи Беласица среде Струмица, а Ермедин Адем даде два гола, додека по еден интернационалците Калид Басит и Андерсон Силва во триумфот со 4-1. Вториот струмички тим имаше сила само за да израмни пред полувремето, но не и да се избори за некаква сензација.

Струга Трим Лум за три дена повторно ја победи Ренова со 1-0, сега со гол од пенал на Нијаз Лена во 53-та минута, за ново полуфинале на стружани, зашто и тие минатата недоиграна сезона во Купот, имаа пласман меѓу четирите најдобри.