Новиот газда на Брегалница забрани обложување – кој ќе прекрши ќе остане без сѐ што има!

Екипата на Брегалница од Штип денеска и официјално доби нов мнозински сопственик – Мурат Шамил Шен од Турција, кој најави дека неговата прва мисија ќе биде заштита на интегритетот на спортот преку воведување договор против каков било облик на поврзаност со обложување.

Тој на денешната прес-конференција истакна дека сите вклучени во клубот, од играчи до членови на управата, ќе мора да потпишат договор со кој се обврзуваат дека нема да стапуваат во контакт со обложувачки активности. Притоа, ќе даваат гаранција со својот личен имот – од недвижнини до возила – за исполнување на обврските од договорот.

„Обложувањето е длабоко навлезено во спортот, за жал. Ние тоа го осудуваме и затоа подготвивме правно обврзувачки документ што ќе го потпишат сите – вклучително и јас. Со тоа ќе ја заштитиме чесноста на играта“, изјави Шен.

Брегалница во моментов настапува во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), но новото раководство има јасна амбиција клубот уште следната сезона да се врати во прволигашкото друштво.