„Не може еден ОФС да има поголема моќ од Вардар, Шкендија...“

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, поранешниот ракометен репрезентативец посочи денеска дека само Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е единствената спортска организација од вкупно 65 во земјава која го нема усогласено Статутот со Законот за спорт.

Мојсовски во гостување на телевизија „24“ посочи дека ФФМ е единствена што останала без усогласување со Законот за спорт според кој клубовите треба да бидат мнозинство во Собранието, а не како сегашната поставеност само општинските фудбалски сојузи (ОФС), потенцирајќи дека моментно тие општински сојузи имаат поголема моќ од Вардар, Шкендија, Работнички...

„„Од 65 федерации кои го сочинуваат спортот во нашата држава, 64 се усогласени со Законот за спорт на оваа држава, само Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) – не е! И ова не е почнато од сега, почнато е од 2019 година... Јас не знам што му пречи на претседателот Сејдини. Општинските непостоечки клубови и општинските сојузи со непостоечки делегати кои немаат врска со фудбалот гласаат и имаат поголема сила од еден Вардар, од една Шкендија, од еден Работнички, од еден Борец...“, вели Мојсовски.

Клубовите се тие кои треба да решаваат за спортот, потенцира Мојсовски, посочувајќи го примерот со ракометната федерација која наскоро ќе има Изборно Собрание.

„Еве сега има Собрание на ракометната федерација за избор на претседател, кои се најголемите чинители – клубовите од прва и втора лига, судиите и дел од делегатите. Тоа е законот на оваа држава, а и на многу држави низ Европа. Во ФФМ, ова е проблемот - останато од минатото дека општинските сојузи се главен фактор во самата федерација. Тие носат одлукибез консултации со чинителите, а тие клубовите... Затоа ова со усогласувањето мора да се смени, не е битно дали е Сејдини таму или Наумче. Едноставно, мора да се усогласиме со Законот, а тој вели главните чинители мора да се самите клубови. Сега општинските сојузи се главни, а клубовите многу минимално се застапени. Затоа се потреби тие промени во Статутот и усогласувањето, зашто клубовите реагираат“, додава Мојсовски.

АМС во минатата недела преку соопштение посочи дека комисијата за одлучување по втор степен во областа на инспекцискиот надзор ја одбило жалбата на ФФМ и станало правосилно, со што потребно е да се изврши промената на Статутот и усогласувањето со Законот, по што реагираше ФФМ и претседателот Муамед Сејдини, дека тие добиле пресуда по тужба која го поништува тоа што го објави АМС против истата комисија.

Во меѓувреме, бившиот вицепремиер Кочо Анѓушев најави повлекување од Борец поради изборот на делегати од ОФС Велес, а засега само ОФС Кочани му го сврте грбот на актуелниот прв човек на ФФМ, Сејдини и Собранието не се одржа зашто немаше кворум.