Мојсов: Ќе беше греота да не се вратиме, одиме да победиме и во Исланд!

Екипата на Тиквеш оствари голема победа со пресврт од 0:2 до 3:2 во натпреварот против Бреидаблик од првото квалификациско коло во Конференциската лига.

По натпреварот тренерот Ѓорѓи Мојсов истакна дека на полувремето во соблекувалната разговарал со фудбалерите и верувале дека можат да се вратат во натпреварот.

„На полувреме им кажав на фудбалерите дека ќе биде греота ако не се вратиме и стигнеме барем до 2:2. Имавме и одреден психолошки момент со некои фудбалери, веројатно тука беше притисокот дека Тиквеш го игра првиот натпревар во Европа. Не е мала работа да се вратиш од 2:0 против ваква екипа која е редовно во врвот на Исландскиот фудбал“.

Имаше Тиквеш промашени прилики, а и во финишот Спахиу промаши шанса за 4:2.

„Промашувањата се дел од фудбалот, никогаш не замерувам на фудбалерите за такви ситуации. Ние одиме и таму да победиме, нема да се браниме“.

Не заборави Мојсов и да искаже благодарност до навивачката група „Лозари“.

„Тиквеш е среќен што има таква навивачка група која секогаш е во комуникација и со нас и со фудбалерите. Сакам и да им се заблагодарам што некогаш и од свој џеб издвојуваа средства за да дадат поддршка. Времето беше и за нив и за нас тешко, сега ние одиме таму на ладно и сигурно нема да се откажеме. Ќе дадеме се од себе да одиме во следната фаза“, изјави Мојсов.