По два часа тешка борба, Алкараз се избори за место во полуфиналето

Третиот светски рекет Карлос Алкараз е прв полуфиналист на Олимписките игри во Париз откако во денешниот меч го совлада Томи Пол од САД со 2-0 (6-3, 7-6).

Шпанскиот ас имаше големи проблеми со заморот бидејќи во текот на вчерашниот ден одигра два меча, а вториот од нив заврши по 21 часот, па немаше многу време за рекуперација. Сепак, собра сили и за 2 часа и 1 минута ја помина и оваа пречка и стана најмлад полуфиналист на олимпискиот тениски турнир по Новак Ѓоковиќ во 2008 година.

Томи Пол добро го почна мечот, имаше две брејк топки уште во првиот гем, но Алкараз се одбрани и во шестиот направи брејк кој подоцна го валоризира во водство од 1-0 по сетови. Тоа што го испушти во првиот, Пол го направи во вториот сет кога поведе со 3-0, но брејкот предност не успеа да го искористи за да израмни во сетови. Во деветтиот гем, Алкараз врати, па се отиде во тај-брејк каде по голема борба Шпанецот славеше со 9-7.

Во полуфиналето, Алкараз ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Руд и Оже Алијасим, но барем ќе има време да одмори малку пред тој меч затоа што вчера испадна во двојки со Надал.