Рома им забрани на своите играчи да одат на прошталниот натпревар на Меси

Рома нема да им дозволи на Пауло Дибала и Науел Молина да отпатуваат во Аргентина за да присуствуваат на последниот репрезентативен натпревар на Лионел Меси.

Меси на 6 октомври треба да го одигра последниот натпревар за аргентинската репрезентација, а на „Монументал“ во Буенос Аирес се подготвува посебно испраќање за една од најголемите ѕвезди во историјата на аргентинскиот фудбал. Дибала и Молина, како поранешни соиграчи на Меси, добиле покана да бидат дел од свечениот настан.

Сепак, тренерот на Рома, Џан Пјеро Гасперини, не сака двајцата фудбалери да патуваат преку Атлантикот во период кога клубот го очекува важен дел од сезоната. Според информациите на италијанските медиуми, причината е долгото патување и губењето на неколку тренинг-сесии пред натпреварот против Комо, кој Рома ќе го игра на 11 октомври. Дополнително, само три дена подоцна тимот го очекува и големиот натпревар против Реал Мадрид во Лигата на шампионите.

Дибала не е повикан во актуелниот состав на Аргентина, додека Молина е суспендиран и не може да настапи. Поради тоа, двајцата би биле само гости на трибините на „Монументал“. Меѓутоа, за да присуствуваат на свеченоста, би требало да поминат околу 14 часа во еден правец и да пропуштат неколку денови од клупските подготовки.

Дибала и Молина имаат желба да бидат присутни на историскиот момент, но Гасперини засега ставил вето на нивното патување. Во Рома проценуваат дека нивното присуство во тренинг-центарот е поважно во пресрет на згуснатиот распоред што следува. Сепак, Рома ќе има претставници на прошталниот натпревар на Меси бидејќи селекторот Скалони ги поивика Матијас Суле, Леонардо Балерди и Франко Кастро.