Во Каталонија грмат: Играчите на Реал лажат дека се повредени за да не играат за репрезентациите
Тензијата ја прават каталонските медиуми кои изразија отворено сомневање дека фудбалерите на Реал лажат дека се повредени со цел да го избегнат напорниот прозорец на ФИФА во кој во десет дена репрезентациите играат дури четири натпревари, темпо кое го нема ни на европските и светските првенства. Дури четворица фудбалери на Реал пријавија, наводно, тешки повреди и или воопшто не настапија за своите национални тимови или си обезбедија брзо заминување од нив.
Последниот пример беше Килијан Мбапе кој се повреди на натпреварот меѓу Турција и Франција и беше заменет во 59. минута, по што веднаш се појави загриженост околу неговата состојба. Првите изјави на селекторот Зинедин Зидан беа дека ситуацијата „изгледа сериозно“ и дека „воопшто не е добра“, по што беше најавено дека Мбапе итно ќе се врати во Мадрид на дополнителни прегледи. Сепак, според последните информации од Мадрид, францускиот напаѓач ќе биде надвор од терените околу 10 до 15 дена поради истегнување во пределот на чашката на левото колено и тој ќе биде на располагање за следниот дуел во Ла Лига, а нема да игра на претстојните три меча од Лигата на нации.
Случајот потсетува и на ситуацијата со Федерико Валверде. По натпреварот против Атлетико Мадрид првичните информации говореа за сериозна повреда на зглобот и можна пауза од два до три месеци. На крајот, наместо повеќемесечна пауза, Валверде најверојатно че отсуствува околу две недели, односно период доволен да ја пропушти репрезентативната пауза.
Слична е и ситуацијата со Ибрахима Конате. Францускиот дефанзивец се повлече од репрезентативниот камп поради повреда на колатералниот лигамент на десната нога. Сепак, според најновите информации, и тој би требало да биде подготвен веднаш по репрезентативната пауза, па се очекува да му биде на располагање на Жозе Мурињо за натпреварот против Виљареал. Сите тројца се веќе во базата на Реал и можат да се подготвуваат за напорниот распоред во октомври.
Во исто време, каталонските медиуми направија паралела со фудбалерите на Барселона, за кои често се истакнува дека со максимален интензитет настапуваат за своите репрезентации, понекогаш ризикувајќи дополнително оптоварување и потенцијални проблеми со повредите, како што лани беше случај со Рафиња.