
Ѓорѓиоски: Вардар е мој клуб, ама - ќе сторам сѐ да го победам во ова финале!
Екипите, кои сезоната ја завршија на четвртото и петтото место во Првата македонска фудбалска лига, ќе се соочат на националната арена во Скопје. Тренерот на стружани, Илчо Ѓорѓиоски, на официјалната прес-конференција изрази желба за освојување на пехарот. Тој потенцираше дека неговиот тим е целосно фокусиран и мотивиран да дојде до првиот куп-трофеј во клупската историја.
„Ова финале е кулминација на една сезона исполнета со напорна работа. Имаме квалитетен и искусен состав, подготвени сме психолошки и физички за големиот предизвик“, изјави Ѓорѓиоски.
И покрај тоа што Вардар ќе има поддршка од домашната публика, тренерот на Струга верува дека неговиот тим може да одговори на предизвикот.
„Вардар е фаворит на утрешниот натпревар. Многу го ценам овој клуб, како играч и тренер освојував титули, тоа е мој клуб. Сепак, дефинитивно сакам да победам во ова финале. Вардар ќе игра пред свои навивачи, ама ние сме подготвени да одговориме на секој предизвик“, изјави Ѓорѓиоски.
Струга вторпат ќе се појави во финале на ова натпреварување. Во 2023 година беше поразена од Македонија ЃП по изведување пенали.