Гачевски го израмни рекордот на Пачовски: Горд сум на ова, во иднина уште подобро!

Вардаровиот голман Филип Гачевски вчера против Победа стигна до 19 меч без примен гол во оваа сезона и со тоа се израмни со неговиот поранешен колега во Вардар, Томе Пачовски на врвот на листата на голмани со најголем број на мечеви со „чиста мрежа“.

Пачовски стигна до 19 вакви мечеви во времето кога беше дел од Работнички, а потоа беше единица во Вардар, по што Гачевски го замени. Актуелниот чувар на мрежата на Вардар пред да дојде во таборот на црвено-црните имаше рекорд со 912 минути без примен гол и сега Гачевски држи два рекорди кај голманите во историјата.

„Сакам да им се заблагодарам на сите играчи и на сите во Вардар, пред се на мојот тренер Саша Илиќ, кој веруваше во мене сите овие години и ми даваше поддршка. Потоа на целиот стручен штаб и на сите мои соиграчи. Горд сум на овој поставен рекорд, откако претходно поставив рекорд со најмногу минути во серија без примен гол. Се надевам на уште поуспешни настапи во иднина и секако посакувам титула“, рече Гачевски за клупската интернет-страница.

Шанса да биде осамен со 20 „чисти мрежи“ ќе има в недела во последната рунда од Првата лига со гостувањето во Струмица кај Академија Пандев. Инаку моментно Гачевски е седми голман во Европа по број на мечеви без примен гол.