Финансиска полиција ја „тресе“ ФФМ!

Финансиска полиција веќе неколку дена е влезена во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и ги чешла документите на Куќата на фудбалот, под сомнение за сторен финансиски криминал во изминатите години.

Припадници на финансиската полиција во изминативе денови упаднале во најголемата спортска организација и сега ја „тресат“ најмоќната спортска организација, која годишно има милионски буџет. Се чешлаат илјадници документи за евентуални сторени кривични дела од финансиски криминал.

ФФМ веќе подолго време од владеењето на доскорешниот претседател Илчо Ѓорѓиоски беше обвинувана од фудбалската опозиција како организација во која „царува криминалот“, а ова е првпат да се чешлаат документите за (не)правилното работење.

ФФМ во изминатите шест години имаше буџет од шест до 10 милиони евра во зависност од тековната година.

Упадот на финансиската полиција заедно со контрола од други државни институции во ФФМ доаѓа непосредно пред првото Собрание на ФФМ, кое в недела треба да се одржи во Охрид и каде што треба да се усвојат статутарните промени со цел да се направи пат кон избор на нов претседател на ФФМ, по оставката која досегашниот прв човек Илчо Ѓорѓиоски ја даде во јули годинава.

Првичната реакција од актуелното раководство на ФФМ е дека за ова веднаш ќе ги информирале ФИФА и УЕФА.

Но, од тие две организации нема одговор само поради затоа што сега се работи за финансиски криминал, а токму пред неколку години за истиот прекршок од функциите беа разрешени Мишел Платини и Сеп Блатер.