ФФМ официјално: Нема евролиценца за Вардар!

Најтрофејниот фудбалски колектив кај нас, екипата на Вардар, денеска и официјално остана без лиценца за учество во клупските натпреварувања на УЕФА во сезоната 2020/21, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги објави имињата на седумте клуба кои добија зелено светло, а меѓу кои ги нема црвено-црните.

Меѓу екипите кои имаат право да настапат на европска сцена се Шкендија, Силекс, Академија Пандев, Македонија ЃП, Работнички, Ренова и Шкупи, додека покрај Вардар без лиценца останаа уште и Борец, Брегалница и Струга ТЛ. Одделот за лиценцирање при ФФМ информира дека Комисијата за лиценцирање одржала состаноци на 3. јуни, 11. јуни и 16. јуни, додека Комисијата за жалби за лиценцирање се сретнала на 18. јуни, по што одлуката станала конечна.

Ова е втора година по ред како Вардар не добива лиценца, односно останува без можност да заработи сериозни пари преку настапите во европските клубови. Црвено-црните беа првопласирани во моментот на прекин на првенството поради пандемијата со коронавирусот, а се очекува наскоро и официјално да бидат прогласени за шампиони. Тоа, сепак, ќе биде само морална сатисфакција, бидејќи поради немањето евролиценца нема да можат да настапат во квалификациите за Лигата на шампионите.