Дерби за врвот во Струга: Шкендија го напаѓа лидерот против кого нема победа на гости!

Поранешниот македонски првак Шкендија ѝ гостува на Струга Трим Лум во супердербито од 15-то коло во Првата лига, во обид да го преземе лидерското место и да се одмазди за поразот во првиот круг со 0-2 во Струмица.

Пресметката на тетовци во Струга против својот екс-фудбалер Бесарт Ибраими е во фокус на денешното коло пред двонеделната пауза поради репрезентативните активности, но тетовци немаат убави сеќавања од гостувањата во Струга, зашто од влезот на најмладиот прволигаш пред три години, никогаш не им го освоиле теренот.

Еден пораз и три ремија е исходот на меѓусебните пресметки во Струга за Шкендија, па двоен предизвик на екс-првакот кој претрпе шок во Чаир после нападот од навивачите на Шкупи во прекинатиот меч по десет минути во четвртфиналето во Купот на Македонија.

„Тежок натпревар во кој ќе се сретнат двете најдобри екипи во моментов, првата и втората екипа на првенствената табела. Важно е натпреварот да биде првично фер и коректен, да биде пример за тоа како треба да изгледа едно дерби и на крај нека победи најдобриот“, вели Бесарт Ибраими пред мечот.

Ибраими заедно со Христијан Малески беа стрелци на двата гола во првиот круг во победата во дербито кое се играше во Струмица на теренот на Академија Пандев. Струга првпат победи во Средата по пет меча без триумф во првенството, со 2-0 против Брегалница за полуфинале во Купот, па стружани сега сакаат токму против Шкендија да излезат од резултатската криза во Првата лига поради која двоцифрената предност им се стопи на само три пред втората Шкендија, која барем засега не брилјира и покрај одличниот тим.

„Ни претстои тежок натпревар, играме со Струга, која не случајно е на првото место. Досега имаа многу добра сезона, иако во последните пет натпревари се во мини-криза. Ќе биде квалитетен натпревар бидејќи играме против првопласираната екипа. И Шкендија имаме лоши резултати во последно време, но по средата и пласманот во полуфиналето на Купот, атмосферата во тимот е многу добра“, вели Ферхан Хасани, капитенот на тетовци.

Во сенка на дербото за врвот се играат три од преостанатите четири меча. Академија Пандев ќе брка излез од длабоката криза за прва победа по 31 август против изненадувачки добриот Силекс, кој е трет засега во сезоната. Првакот Шкупи кој во Кичево ќе го пречека Скпје не би требало да има проблеми со фенерџијата за нови бодови, а Тиквеш го прелекува Работнички во Кавадарци. Утре колото ќе го затворат Македонија ЃП и Брегалница во пресметката во Ѓорче Петров, а слоодна во ова коло е Победа.

ПРВА ЛИГА, 15. КОЛО (13 ЧАСОТ)

Академија Пандев – Силекс

Шкупи – Скопје

Струга Трим Лум – Шкендија

Тиквеш – Работнички

ВО НЕДЕЛА

Македонија ЃП – Брегалница

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 27, Шкендија 24, Скопје 23, Шкупи 22, Тиквеш 19, Брегалница 19, Македонија ЃП 16, Работнички 15, Победа 11, А. Пандев 9, Скопје 6.