Англичаните на чекор од историјата: Првпат една земја ќе има шест екипи во Лигата на шампионите

По првите натпревари од полуфиналето во Лигата Европа, станува извесно дека ќе има англиско финале во ова натпреварување бидејќи Манчестер Јунајтед и Тотнем имаат убедливо водство пред реваншите.

Ако нема изненадувања в четврток, Англија ќе испише историја во Лигата на шампионите идната сезона. Поради коефициентот, заедно со Шпанија, Англичаните веќе имаат загарантирани пет екипи во ЛШ за претстојната натпреварувачка кампања, но таа бројка ќе се искачи на шест ако Јунајтед и Тотнем го заверат пласман во финалето од ЛЕ.

Со оглед на тоа што двете екипи се наоѓаат во долниот дел од табелата во Премиер лигата, јасно е дека не можат преку првенството да се пласираат во елитното натпреварување и тоа нема да пречи на оние кои се во топ-5. Според сегашната состојба, во Лигата на шампионите од Англија идната сезона би учествувале: Ливерпул, Арсенал, Њукасл, Манчестер Сити, Челси и Тотнем или Манчестер Јунајтед.