Ден на гостите: Шкендија и Башкими со победи си заминаа од Скопје!

Шкендија со убедливи 3-1 победи на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров кој најголемиот дел од натпреварот го играше со фудбалер помалку поради црвен картон, гостински бодови освои и Башкими победувајќи го Работнички на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје со 2-0.

Втор меч, втора убедлива победа на Шкендија. Тетовскиот тим рано го отвори резултатот. Уште во 10. минута Адеми донесе водство за актуелниот шампион.

Неколку минути подоцна Македонија ЃП остана со фудбалер помалку откако Карлос Кабаркас направи фаул како последен дефанзивец врз Адеми и доби директен црвен картон.

Со играч повеќе Шкендија напаѓаше, домаќините се бранеа и се обидуваа да се заканат преку контра напади, но не одеше.

Во воведниот дел од второто полувреме Јовановиќ направи пенал, Красниќи реализираше од белата точка за водство на Шкендија од 2-0.

Тамба во 68. минута зголеми на 3-0 по една перфектна асистенција од Ибраими.

Во судиското продолжение од натпреварот, Македонија Ѓорче Петров преку Дарко Глишиќ успеа да постигне почесен погодок, конечниот резултат беше 1-3.

Башкими со 2-0 славеше на гостувањето кај Работнички. На Арената се играше отворен натпревар со шанси на двете страни, а две од своите искористи кумановскиот тим.

Резултатот беше отворен во 35. минута кога несреќниот Робакидѕе си постигна автогол. Топката ја удри стативата, па го удри играчот на Работнички и заврши во мрежата на домаќините.

 

На 2-0 зголеми Ресул Мемети со гол во 78. минута, тоа беше и конечниот резултат на мечот.