Цените на влезниците за мечот со Лихтенштајн ќе чинат - од 300 до 500 денари!

Македонската фудбалска репрезентација на 7 септември ќе се соочи против Лихтенштајн во петтото коло од квалификациите за Светското првенство (СП) во 2026 година на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, а ФФМ ги одреди цените за мечот.

ФФМ реши цените на влезниците да изнесуваат од 300 до 500 денари во зависност од трибината на која се наоѓаат гледачите, а исто така ќе овозможи и бесплатен влез за младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детската лига.

„У.О. на ФФМ донесе одлука со која се утврдуваат цените на влезниците за натпреварот помеѓу А репрезентациите на Македонија и Лихтенштајн од квалификациите за СП 2026. Цените на влезниците изнесуваат 300,00 денари за западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“. 400,00 денари е цена на билет за јужна трибина (блок 1, 2, 5 и 6) и северна трибина (блок 13, 14, 18, 19, 20 и 24). 500,00 денари е цена на влезница од Прва категорија, северна трибина (блок 21 и 23) и јужна трибина (блок 3 и 4);

Фудбалската федерација на Македонија ќе им овозможи бесплатен влез на источната трибина на младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детска лига, фудбалските школи од регионалните лиги и сите млади категории (пионери, помлади пионери, кадети, младинци) во клубовите во системот на натпреварување на ФФМ“, соопшти Куќата на фудбалот.

Дуелот меѓу Македонија и Лихтенштајн се игра на 7 септември од 18 часот, а нашата селекција во моментов се наоѓа на првото место во групата Ј со осум бодови по четири одиграни меча.