Брегалница и Скопје се нови прволигаши!

Штипска Брегалница и Скопје се нови прволигаши откако денеска со победите ставија печат на оваа второлигашка сезона во двете конкуренции, источната и западната, за да се вратат во елитното макеоднско друштво после четири односно три години пауза.

Брегалница која е недопирлива на истокот и сезонава не загуби ниту еднаш, со 3-0 го победи Кожув дома за да го завери враќањето во Првата лига, од каде испадна во 2017 година (сезона 2016/17). Наумче Бакрачески во третата минута од судиското надополнување во првиот дел, Владимир Дујовски во 58-та и Јован Манев во 81-та постигнаа три гола за нова победа и враќање во елитното друштво.

Скопје после 2018 година повторно ќе игра во македонската елита, а Христијан Кировски во 27-та минута и Иво Јанакиевски во 64-та минута постигнаа по еден гол за „пиратите“ да го победат Охрид и со тоа да го заверат пласманот во Првата лига на две кола до крајот.

Откако Велешта загуби од Гостивар, кој сега се враќа во трката за баражот со триумфот со 1-0, жестока битка ќе се води во последните две кола, зашто еден бод е разликата помеѓу Охрид, Велешта и Гостивар. За разлика од западната група, после пласманот на Брегалница во Првата лига, Тиквеш оди во баражот како второпласиран.