Академија Пандев на репрезентативен погон – промовирани и Маркоски и Трапановски!

Македонскиот прволигаш Академија Пандев сериозно се засили со уште два македонски репрезентативци во овој преоден рок, на два дена пред стартот на новата сезона, откако нови членови на струмичани се Кире Маркоски и Кристијан Трапановски.

Пандевци сезонава ќе биде буквално на репрезентативен погон, зашто во Струмица дојде Марјан Радески, А-репрезентативецот од Шкендија, потоа Никола Серафимов, младинскиот репрезентативец до 21 година, Бојан Димовски, младинскиот репрезентативец до 19 години, а сега се приклучуваат и членот на „златната генерација“ од Евро 2017, Маркоски, како и младинскиот репрезентативец од генерацијата на Елиф Елмас, Трапановски.

Ако се додаде дека во тимот се и Марио Крстовски и Дејан Миловановиќ, исто така младински репрезентативци, плус Ѓорѓи Стоилов кој беше повикан и во А-тимот на нашата селекција, струмичани склопија исклучително млад и перспективен тим, кој предводен од тренерот Александар Таневски ќе се бори и за трофеите, но пред сè за излез во Европа.

Маркоски, бившиот фудбалер на Работнички и Македонија ЃП доаѓа кај Пандевци од чешка Карвина, а претходно беше дел од АЕЛ Лимасол и Спартак Трнава. Маркоски е повремен и сениорски репрезентативец. Трапановски, пак, е повратник во тимот на Академија Пандев, кој играше во Татран Прешов, Викторија Жижков и Подбрезова, а е првиот фудбалер кого Академија Пандев го продаде пред неколку години на Славија Прага.

Пандевци неодамна се засилија и со Милан Томиќ, фудбалерот на белградска Црвена Звезда, кој има 20 години и само го надополнува тимот од млади и перспективни фудбалери на струмичкиот клуб.