Шест гиганти воодушевени од Елмас, меѓу нив и – Манчестер јунајтед!

Македонскиот бисер Елиф Елмас ги импресионирал скаутите на шест европски гиганти, кои завчера биле на стадионот „Луж“ во Лисабон, на мечот од третото коло во Лигата на шампионите помеѓу Бенфика и Фенербахче (1-0), меѓу нив и на најтрофејниот англиски великан – Манчестер јунајтед.

Како што објавија турските медиуми, на „Луж“ биле скаутите на Арсенал, Борусија Дортмунд, Баер Леверкузен, Манчестер јунајтед, Тотнем и Валенсија, а тие во тефтерите посебно ги запишале Елмас и младиот португалски фудбалер на „орлите“, Жедсон Фернандез.

Елмас под палката на Филип Коку стана првотимец, против Бенфика го одигра целиот меч и ја воодушеви турската јавност со својот настап, на кој имал 76-отсто точни додавања, потврдувајќи го својот квалитет. Поради тоа не е првпат Елмас да се поврзува со трансфер со некој голем европски клуб, затоа што летово се поврзуваше со трансфер во Манчестер сити, како и во Дортмунд, Феенорд и ПСВ Ајндховен, а уште зимоска имаше најави дека Елмас е меѓу потензијалните засилувања во иднина за „црвените ѓаволи“.

Повеќе од јасно е дека Елмас сезонава ќе остане во Истанбул, затоа што конечно добива вистинска шанса, но во блиска иднина нема да биде изненадување ако направи гигантски трансфер, особено што Фенербахче веќе сатви откупна клаузула од 25 милиони евра за македонскиот бисер, кој лани пристигна во турскиот гигант и потпиша петгодишен договор.

„Елмас е многу квалтетен фудбалер, тоа е неспорно. Фантастичен играч“, рече по мечот Жосеф, негов соиграч од Фенербахче.