Модриќ бесен по ужасот во Елче: Срамно си го распродаваме угледот!

Најубедливиот пораз во историјата за фудбалерите на Хрватска дојде веќе на следниот меч по историското сребро на Мундијалот во Русија, откако синоќа загубија со неверојатни 0-6 во пресметката со Шпанија во дуел од Лигата на нации.

Огромен удар за „коцкестите“, кои ќе пукнат од мака по катастрофата во Елче, за што најдобро говорат и изјавите по оваа средба.

„Никој не ни сонуваше дека може да загубиме на ваков начин. Во мечот влеговме добро, имавме неколку шанси, но се распаднавме по првиот примен гол. Недозволиво е на ваков срамен начин да си го распродаваме угледот. Мора да извлечеме поука од овој натпревар и да продолжиме понатаму. Пристапот мора да ни биде поинаков, бидејќи никој нема да легнува пред нас само затоа што сме играле во финалето на СП“, изјави Лука Модриќ.

Првата шанса за поправен испит, селекцијата на Хрватска ќе ја има следниот месец кога во Риека ќе ја пречека Англија.