Ковид-19 ги прекина преговорите: Екс-вардарецот Манев во неизвесност дали останува во Вележ

Поранешниот вардарец Коста Манев, кој летоска го засили мостарски Вележ и брзо стигна да биде меѓу најдобрите 11 странци во босанската лига во моментов е во голема неизвесност околу (не)останувањето во Мостар, зашто пандемијата со Ковид-19 практично ги прекина преговорите со актуелниот клуб за продолжување на соработката.

Манев имаше едногодишен договор, но брзо ја воодушеви мостарската публика и стана еден од милениците на навивачите, а управата е презадоволна од него, па пред да почне пандемијата тргнаа и преговорите за нов договор. Но, прекинот на сезоната ги прекина и преговорите, а најавите дека фудбал во БиХ нема да се игра до почеток на новата сезона, уште повеќе ги компликуваат работите.

Поради кризата речиси да нема клуб кој нема да се соочи со финансиска криза, а и Вележ нема да биде исклучок, па сега неизвесноста околу останувањето се зголемува зашто во Мостар засега не знаат со каква финансиска рамка ќе располагаат, а на Манев до крајот на договорот остануваат упте 20-на дена.

„Мене Вележ ептен ми одговара, најмногу зашто семејството ми е среќно тука во Мостар, јас сум прекрасно примен и кога вакви работи ќе имате не е тешко добро да играте. Многу брзо поддршката од сите, од навивачите, клубот, новинарите брзо ми помогнаа да се прилагодам. Неизвесно е сега околу договорот. До крајот на месецот имам договор, јас бев среќен кога ги почнавме преговорите, но сето тоа запре поради коронавирусот. Мислам дека има време да се заврши работата, ама сепак на управата е поголем товар како да осигура нормално функционирање за време на целата оваа ситуација. Засега ништо не се знае и сè е отворено“, вели Манев.