Динамо без Ристовски и на дербито со Хајдук

Хрватскиот првак Динамо Загреб ќе мора без доскорешниот каптен на Македонија, Стефан Ристовски да го одигра големото дерби со Хајдук, закажано во недела на „Пољуд“, зашто дефанзивецот сѐ уште е повреден.

Ристовски има проблем со листот на ногата поради кој не играше ни против Астана во минатата недела во воведниот меч од новата сезона во Конференциската лига, а македонскиот десен бек, кој сезонава најчесто играше како стопер сѐ уште е во аут и нема да конкурира за мечот со сплиќаните.

За Динамо ова е голем хендикеп, зашто Ристовски е многу неопходен во дефанзивата на Динамо, а посебно за мечот со Хајдук, за да го чува најопасниот фудбалер на сплитските „били“ Марко Ливаја, кој не се наигра и беше скротен на првото сезонско дерби против македонскиот интернационалец .

Лекарскиот тим на Динамо, според информациите од Хрватска, направиле сѐ за да го оспособат Ристовски, но не успеале во тоа.

За Динамо се очекува да игра вториот македонски интернационалец Аријан Адеми, додека во Хајдук многу извесно од клупата за резерви ќе тргне репрезентативецот Александар Трајковски.