Повторно моќен Ѓоковиќ: Обезбеди прво четвртфинале сезонава

Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на мастерс тенискиот турнир во Рим, откако вечерва го совлада Алберт Рамос-Вињолас во два сета. 

Србинот во првиот сет ја покажа моќта, како во најдобрите денови и го збриша Шпанецот со 6-1. Во вториот сет наиде на поголем отпор на противникот, но сепак успеа да излезе на крај и да триумфира со 7-5.

Интересно е тоа што за поранешниот четирикратен шампион во Рим ова е прво четвртфинале сезонава. Ѓоковиќ не можеше да мине подалеку од третото коло на ниту еден турнир во 2018 година. Можеби ова е знак дека полека се враќа во старата форма.

Следен негов противник е Кеи Нишикори, а евентуален ривал во полуфиналето може да му биде Рафаел Надал, кој пак утре игра против Фабио Фоњини. Останатите четвртфинални двојки се Пабло Карено Буста - Марин Чилиќ и Давид Гофан - Александар Зверев.