Ништо ново од Ѓоковиќ и во 2025 година – втор меч и веќе претрпе пораз!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, продолжи со слабите резултати кои беа негов заштитен знак во најголем дел од 2024 година, откако денеска беше елиминиран во четвртфиналето на турнирот во австралискиот Бризбејн.

Тој загуби во пресметката со Американецот Рајли Опелка (6-7, 3-6), во меч што траеше еден час и 40 минути и во кој неговиот противник, кој моментално е 293-ти на АТП листата, дојде до најголемата победа во кариерата. Тој во полуфиналето ќе се соочи со Французинот Џовани Перикар, додека Ѓоковиќ ќе се фокусира на подготовките за Австралија опен, каде што ќе се обиде да го освои својот 100-ти трофеј во кариерата.

Опелка од самиот почетокот на мечот импресионираше со сервисот, што му ја отежна задачата на Ѓоковиќ. Во првиот сет, двајцата тенисери лесно ги задржуваа своите сервиси до 4-4. Американецот тогаш имаше три брејк топки, но Ѓоковиќ успеа да ги спаси и да поведе со 5-4, за да се замине потоа и во тај-брејк. Србинот таму имаше предност од 5-4, но Опелка одговори со два моќни сервиси и го освои сетот со 8-6. Вториот сет донесе уште потешка битка за популарниот Ноле, чија игра продолжува да изгледа далеку од очекуваното ниво. Иако имаше брејк шанса во третиот гем, не успеа да ја искористи. Во следниот гем, Опелка направи брејк и поведе со 3-1. Американецот продолжи сигурно до крајот на мечот, сервирајќи за победа со 6-3 и обезбедувајќи место во полуфиналето.

Ѓоковиќ по оваа елиминација ќе мора брзо да се консолидира за да го подобри нивото на игра и да ја врати својата форма на првиот гренслем-турнир за сезоната, кој почнува на 13 јануари во Мелбурн.