Надал: Нема животот да ми биде поубав ако освојам повеќе гренслемови од Ноле и Роже!

Еден од најдобрите тенисери на денешницата Рафаел Надал обезбеди полуфинале денеска на Австралија опен после тешката победа во пет сета против Денис Шаповалов, но порача после тој триумф дека воопшто не го интересира колку гренслем трофеи ќе има во кариерата и дали ќе има повеќе од најголемите ривали Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер.

Надал, Ѓоковиќ и Федерер се израмнети на листата на освојувачи на гренслем трофеи со по 20 титули, па Шпанецот ако го освои Мелбурн ќе избие на првото место со 21-от гренслем-трофеи, зашто Ѓоковиќ беше депортиран од Австралија после 12-дневната сага, а Федерер воопшто не игра после операцијата што ја имаше лани.

„Самиот факт што ние тројца сме израмнети со по 20 гренслем трофеи е само податок кој говори дека поделивме еден неверојатен период во историјата на тенисот. И мене ми е чест што сум дел од тоа. Секако дека сакам и понатаму да освојувам трофеи, но не за да бидам пред Ноле и Роже, туку едноставно зашто сакам да победувам. Нема да бидам посреќен во животот ако имам повеќе гренслемови од Ѓоковиќ и Федерер. Не сакам да се нервирам за тоа дали комшијата има поубава куќа од мојата или подобар телефон. Јас сакам да уживам во тенисот, а мислам дека сите уживаат во оваа ера која е неверојатна. Немам намера да се нервирам дали на крај Ѓоковиќ или Федерер ќе имаат повеќе трофеи од мене“, вели Надал.