На Мајорка паднал договор: Надал ќе биде нов тренер на Зверев!

Шпанецот Тони Надал ќе биде нов тренер на германскиот тенисер со руско потекло, Саша Зверев кој во овој момент е третопласиран на АТП листата.

За 28-годишниот Зверев беше потребна некоја промена по шокантниот пораз од 64-тиот тенисер на АТП листата, Артур Риндеркнеш во првото коло на Вимблдон, па така се одлучил за тренер да го ангажира човекот кој е еден од најзаслужните за големата кариера на Рафаел Надал.

Медиумите пишуваат и дека Зверев бил забележан како тренира во академијата на Надал на Мајорка и тоа токму со Тони Надал.

Промена во стручниот штаб најави и самиот Зверев по поразот на Вимблдон.

„Можеби ќе менувам нешто во стручниот штаб. Тоа е нешто за што сериозно размислувам. Во овој момент не е ништо сигурно“, изјави тогаш Зверев.

Германскиот новинар Пол Хусер кој работи за „Скај Спорт“ додаде и дека самиот Рафаел Надал ќе има одредена менторска улога во тимот на Зверев.

Фото: EPA