Димитријевиќ дефинитивно нема да игра за Македонија летово - сакал да се одмори

Сениорската репрезентација на Македонија денеска официјално ги почна подготовките за претквалификациите за Светското првенство.

На прозивката на новиот селектор Марјан Илиевски се појавија десетмина кошаркари, претежно од младиот бран, а во следниот период оваа бројка ќе се зголеми со дел од поискусните. Наследникот на Јончевски го истакна планот за подготовките, но и моменталната ситуација во која се наоѓа репрезентацијата.

„Во интерес на она што го затекнавме, мораме да го одложиме стартот на подготовките за неколку дена. Дел од играчите најавија отсуство, дел поради приватни причини, а дел добија дозвола подоцна да се приклучат. Повикани се 27 кошаркари од кои денеска требаше да се појават 11, но денеска ни откажа Лејсон Зеќири поради повреда што ка доживеа летово.

На 17 јули заминуваме за Гевгелија, таму ги чекаме да се приклучат Адем Мекиќ и Теодор Симиќ, а на 22 јули треба да пристигне Андреј Јакимовски. На списокот има и неколку младински репрезентативци и од нивниот ангажман зависи кога ќе се приклучат тие.

Очекував да дојде Ненад Димитријевиќ, но за жал тој нема да биде во комбинација бидејќи летото го користи за свој одмор и дава приоритет за клупската иднина. Ние бевме расположени да му овозможиме да дојде подоцна, но последната информација е дека тој нема да игра во овие претквалификации. Жалам што некои кошаркари, а и нивните клубови пристапија со став дека ова се претквалификации за Светско првенство и тоа не е многу важно, а би биле тука за претквалификации за Европско првенство“, рече Илиевски.

Во стручниот штаб на репрезентацијата има една промена, на местото  на Боби Митев, ангажиран е тренерот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ.