Тренчовски се раздели со Радомље, ама сега е цел на еден од словенечките гиганти
Тамошните медиуми тврдат дека тој е еден од најсериозните кандидати за тренерската позиција во поранешниот шампион Олимпија кој ќе се раздели со досегашниот предводник Федерико Бесоне откако не беа исполнети амбициите и тимот го заврши првенството на четвртото место со што не обезбеди пласман во европските купови. Според информациите, засега нема официјални преговори, но Тренчовски фигурира мошне високо на листата на желби на љубљанскиот клуб.
Единствен проблем е тоа што некои структури во Олимпија инсистираат новиот тренер да биде дебитант во словенечкото првенство, односно да не доаѓа од конкурентските клубови.
Тренчовски е искусен македонски стручњак, еден од основачите на Академија Пандев (денешна Брера) каде помина и најголем дел од тренерската кариера. Последните години речиси редовно работи во странство, беше во Кувајт, Саудиска Арабија и Мароко, а последната сезона го водеше словенечкиот Радомље со кого оствари добри резултати, а минатата недела официјално ја прекина соработката со клубот.