Берокал: Ако бидеме комплетни, може да направиме голем чекор кон ЕП!
Селекторот на Македонија, Жосеп Марија Берокал е задоволен од успешно завршената работа, по што испрати порака до своите избраници во репрезентацијата.
„Тимот играше добро во првото полувреме со ефикасно движење на топката. И покрај тоа што ни недостасуваше клучен играч (Војдан Стојановски н.з.), тимот успеа да доминира во текот на сите 40 минути, на крајот обезбедувајќи победа, што ја зголемува нашата самодоверба. Морам да нагласам дека е неопходно играчите да се подготвуваат индивидуално во текот на летото за следната рунда, бидејќи времето за подготовка во август ќе биде пократко. Јасно е дека ни претстојат потешки противници, но сега треба да уживаме во победата и полека да се подготвуваме за тоа што ни следува. Денешниот натпревар можам да го поделам во два дела. Игравме со девет играчи. Во првото полувреме имавме поголема ротација и играме многу, многу подобро. Во второто полувреме, домаќинот сфати дека губи со 19 поени и мораше да реагира за да не доживее катастрофа поради што ја промени играта и во одбрана и во нападот. За жал, останавме и без Петар Бошалески кој го повреди зглобот, Павел Иванов одигра неколку минути и практично целата игра беше на само седуммина кошаркари. Со играчите што ги имаме, ние се натпреварувавме и доминиравме 40 минути.
Можеш да победиш, можеш да изгубиш, но ние се боревме и на крајот победивме. Очигледно е дека ни недостасува уште еден висок играч бидејќи кога Ваљмир беше на крајот на крајот на силите, тие преземаа и ни ја искомплицираа работата. Освен тоа, очигледно е дека немаме навистина втор плејмејкер, Виктор Ефремоски мораше да игра на таа позиција. Сепак, задоволен сум што перфектно го завршивме овој циклус и верувам дека можеме, ако бидеме комплетни, да направиме уште еден голем чекор кон Европското првенство“, рече Берокал.
Шпанскиот стратег наскоро ќе почне со работа во Кина, но останува на селекторската функција и со подготовките за втората од претквалификациите.
Фото: КФМ