Македонија со победа ја почна битката за опстанок во Третата зона од Дејвис купот!

Македонската тениска репрезентација со победа го почна дуелот со Сан Марино во борбата за опсатнок во Третата Европска зона од Дејвис купот, што се игра во Ларнака, Кипар, откако Берк Бугариќ го победи Матија Мурачини (7-5, 6-2) за скоро 80 минути игра.

Мурачини првиот сет го почна подобро и прв направи брејк и по четири гема имаше водство од 3-1, Бугариќ успеа да го врати брејкот и да изедначи на 3-3. Нашиот тенисер го освои и деветтиот гем на сервис на ривалот за водство од 5-4, но Мурачини возврати со ри-брејк. Но, и во следниот гем тенисерот што сервираше (Мурачини) не го реализираше сервисот и Македонија имаше водство од 6-5, а Бугариќ го реализираше следниот гем искористувајќи ја првата сет-топка за 7-5 во гемови.

Вториот сет мина во знакот на нашиот тенисер. По брејкот на стартот и водството од 2-0, по петтиот гем беше 4-1 за Бугариќ, кој во осмиот гем на свој сервис ја искористи и првата меч топка, а сетот го освои со 6-2 во гемови.

Во вториот сингл меч играат Обрад Марковски за Македонија и Марко Де Роси за Сан Марино.