Француски тенисери приведени за местење, Русинка за истото суспендирана на 45 месеци!

Француските тенисери, Квентин Фолио (27) и Максим Хаму (30), се приведени во регионот на Париз како дел од истрага за местење тениски натпревари.

Двајцата играчи не се премногу познати на пошироката тениска јавност по своите резултати и пласмани, туку повеќе по контроверзите надвор од теренот. Фолио, поранешен 488. тенисер во светот, веќе подолго време се поврзува со случаи од рубриката „спорт и криминал“. Тој претходно беше суспендиран поради местење натпревари и се сомничи дека бил дел од криминална мрежа која манипулирала со резултати на тениски мечеви. Уште во 2022 година против него беа покренати 27 обвиненија, меѓу кои манипулација со резултати, примање пари за намерно слаб настап на неколку натпревари, обид за поткуп на други тенисери, уништување докази и одбивање соработка со истрагата на агенцијата за интегритет во тенисот.

За разлика од него, Хаму досега не бил поврзуван со местење натпревари. Тој сепак се најде во центарот на внимание во 2017 година на Ролан Гарос, кога за време на телевизиско интервју се обиде неколкупати да бакне новинарка на Евроспорт без нејзина согласност, веднаш по поразот во првото коло.

Тенисот е во центарот на скандал поврзан со корупција и поради руската тенисерка Алана Туаева, која неодамна беше суспендирана на три години и девет месеци поради кршење на правилата од антикорупциската програма.