Толку од Ѓоковиќ - пораз од бранителот на трофејот за крај во Индијан Велс

Новак Ѓоковиќ го заврши својот настап во Индијан Велс откако ноќеска загуби од Џек Дрејпер во осминафиналето со 1-2 (6-4, 4-6, 6-7).

Иако за два месеца ќе наполни 39 години, српскиот ас долго го мачеше бранителот на трофејот и не се предаде дури и кога многумина мислеа дека е готов. Тоа особено се однесува за третиот сет во кој прв имаше брејк негатива за да се врати во игра во гемот на кој Дрејпер сервираше за победа, а потоа и во тајбрејкот кога британскиот тенисер водеше со 3-1.

За волја на вистината и Ѓоковиќ имаше шанса да дојде до победата, во тајбрејкот водеше со 4-3 и имаше два свои сервиса, но двата ги загуби и го врати во игра противникот. По два часа и 37 минути игра, Дрејпер сепак дојде до победата и против Медведев ја продолжува одбраната на трофејот.

Ѓоковиќ пет пати го освојуваше трофејот во калифорниската пустина, но од 2016 година само еднаш (во 2017) стигна подалеку од четвртото коло.