Финалето на Австралија опен веќе има еден сигурен губитник – Новак Ѓоковиќ!

Пласманот на Рафаел Надал и на Данил Медведев во финалето на Австралија опен, закажано за недела наутро по македонско време, значи дека оваа пресметка ќе има еден сигурен губитник и тоа тој што воопшто и нема да биде на теренот – Новак Ѓоковиќ.

Причина за тоа е фактот што кој и да победи во оваа пресметка, српскиот тенисер ќе загуби еден сегмент во кој сега е доминантен, односно дел од историјата. Во случај задутрешното финале да заврши со триумф на Русинот, тогаш тој ќе стане тенисер број еден на АТП-листата и ќе стави крај на неверојатната серија на Ѓоковиќ од 357 недели минати на врвот. Популарниот Ноле ќе загуби 2.000 поени поради неиграњето во Мелбурн, од каде што беше депортиран пред стартот на турнирот со оглед што не е вакциниран, со што ќе „падне“ на 9.015 бодови, додека Медведев со евентуална победа ќе освои дополнителни 1.000 поени со кои ќе дојде до 9.935 за првпат во кариерата да биде најдобар во светот.

При триумф на Шпанецот, пак, тој би станал првиот во историјата кој дошол до 21. титула на гренслем-турнирите, со што ќе ги надмине Ѓоковиќ и Роже Федерер, кои ќе останат на 20 вакви успеси. Ноле ваква шанса пропушти на неодамнешниот „Ју-Ес опен“, каде што загуби во финалето од Медведев, со што не само што не дојде до историски врв по вкупен број победи, туку и без прв златен гренслем во иста година.