Епски кам-бек на Надал за рекордна 21. грен слем титула

Рафаел Надал го освои Австралија опен откако во епски меч во пет сета го совлада Данил Медведев. Шпанскиот тенисер до својата рекордна 21. грен слем титула дојде со фантастичен пресврт, бидејќи ги загуби првите два сета. 

Медведев многу подобро го отвори натпреварот и ги освои првите два сета со 6-2 и 7-6. Надал следните два ги доби со идентични 6-4 и 6-4 за да израмни во сетови, а во решавачкиот славеше со 7-5. 

За шпанскиот ветеран ова е вкупно втора титула во Мелбурн, а прва по 2009 година. Тој сега има 21. грен слем титула, една повеќе од своите големи ривали Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ. 

Медведев и лани загуби во големото финале на Австралија опен од Ѓоковиќ во три сета. Русинот засега останува на една грен слем титула, освоена лани на Ју-Ес Опен.