Австралија опен има нова победничка: Кис ја совлада Сабаленка за прва Гренд-слем титула во кариерата
На патот до трофејот, таа ги совлада двете најдобри тенисерки во светот во моментов, прво Ига Швјонтек во полуфиналето, а денеска и Аријна Сабаленка која триумфираше во Мелбурн претходните две години. Во финалниот меч, Кис славеше со 2-1 (6-3, 2-6, 7-5) во мечот кој траеше нешто повеќе од два часа.
Во првиот сет ја изненади својата противничка која важеше и за фаворит за титулата, освојувајќи дури три брејка. По пет гема, резултатот беше 4-1, Сабаленка успеа да врати еден брејк, но потоа го загуби својот сервис и Кис поведе со 1-0. Во вториот сет, целосно сменета слика, Сабаленка се разигра и дојде до водство од 5-1, а потоа на свој сервис дојде до гемот што ѝ недостасуваше за израмнување.
Во третиот сет немаше ни брејкови, па дури ни брејк-топки до 12. гем. Двете тенисерки беа сигурни на свој сервис, се додека Кис поведе со 6-5. Сабаленка не беше сигурна на својот сервис, Кис имаше 15-40 и ја искористи втората брејк-топка за да дојде до победата.
Триумфот во Мелбурн е и прва Гренд-слем титула во кариерата на американската тенисерка чиј најголем успех досега на Австралија опен беше третото коло, а на најзначајните турнири, полуфинале на Ролан Гарос во 2022 година.