Битола по седум години ќе биде домаќин на репрезентативен ракометен натпревар

Oд Општина Битола потврдија дека градот по седум години ќе биде домаќин на натпревар на една репрезентација на Македонија.

Во објава на социјалните мрежи од Општината потврдија дека салата „Боро Чурлевски“ ги исполнува сите услови и ќе биде домаќин на натпреварот на Македонија во женска конкуренција помеѓу Македонија и Холандија.

Станува збор за реванш натпреварот од баражот за пласман на Светското првенство во Холандија и Германија.

Последен пат во Битола ракометна репрезентација на Македонија одигра натпревар во 2018 година кога машката селекција славеше над Турција во квалификациите за ЕП 2020 година.