„Бомба“ во тенисот: Човекот кој освои сѐ со Ѓоковиќ ќе го тренира Синер?!

Од италијанските медиуми пристигнува сензационална вест - Горан Иванишевиќ е еден од кандидатите да стане тренер на Јаник Синер.

Информацијата ја објави реномираната „Газета дело Спорт“ наведувајќи дека Хрватот кој оствари фантастични резултати со Ѓоковиќ е во најтесниот круг кандидати за тренер на италијанскиот тенисер.

Иванишевиќ би пристигнал на местото на Дарен Кејхил кој ќе се раздели со Синер на крајот од сезоната.

„Горан Иванишевиќ е без ангажман по разделбата со Елена Рибакина. Хрватскиот освојувач на Вимблдон би можел да му помогне на Синер да го унапреди сервисот како што години тоа го правеше со Новак Ѓоковиќ. Со српскиот тенисер, Иванишевиќ имаше одлична соработка и од неговиот сервис направи моќно оружје“, стои во текстот на „Газета“.

Иванишевиќ Рибакин ја водеше само во текот на Австралија Опен, а покрај него како кандидати се споменуваат имињата на Андре Агаси и Андреас Сепи.