Доктор ја виде снимката на Ѓоковиќ и не му се веруваше како Србинот воопшто играл!

Питер Ларкинс, познат доктор од Австралија останал шокиран кога ја видел снимката од повредата на Новак Ѓоковиќ, не му е јасно како Србинот успеал воопшто да го заврши мечот со Алкараз и да излезе на дуел со Зверев.

Ѓоковиќ уште на дуелото со Алкараз се жалеше на повреда, но собра сили и го доби тој дуел. Сепак не можеше да издржи и во полуфиналето против Зверев, па го предаде по првиот сет.

Многумина се сомневаа дека Ѓоковиќ навистина е повреден, особено на дуелот со Алкараз. Србинот ја покажа снимката на социјалните мрежи и напиша: „Ќе го оставам ова тука за сите „експерти“ на спортски повреди“.

Австралискиот медиум „Д Еџ“, врз база на оваа снимка го контактирал докторот Ларкинс кој го изнел своето видување за повредата.

„Тоа е значително истгнување. Не е крај на кариерата, но мислам дека е прилично неверојатно што воопшто успеа да одигра неколку мечеви откако првично ја заработи повредата“, рече Ларкинс.

„Новак е атлетски тип и е подвижен на теренот. Ги видовме оние негови лизгања кои ги изведува. Не е изненадување што беше ограничен против Зверев. Нема сомнеж, тоа е тоа што и самата снимка покажува“.

Докторот прогнозираше и кога ќе се врати Ѓоковиќ на теренот.

„Нема да загуби на кондиција бидејќи ќе биде во теретана, во базен, но би бил изненаден ако игра на било кој турнир во наредните шест недели“.