ШК Алкалоид со нов предизвик на СП во шах за сениори
Во 2023 година, кога ова првенство се одржуваше во Струга, ШК Алкалоид за првпат се одлучи да испрати своја екипа во конкуренција на репрезентативни состави, односно селекции од земји со голема шаховска традиција. Тогаш беше освоено петтото место (од 22 екипи), а дополнително на втората табла ВМ Трајко Недев освои сребрен медал, откако по седум партии се избори за 5,5 поени.
Три години подоцна истото Светско екипно првенство за сениори се одржува во Драч, Албанија, а ШК Алкалоид се реши уште еднаш да излезе на мегдан со некои од најсилните светски селекции, повторно пријавувајќи се во категоријата за играчи над 50 години. Пријавени се дури 36 репрезентации, а според просечниот стартен рејтинг македонскиот шампион има статус на шести носител.
„Има промени во екипата од пред три години, па така овојпат сме без поддршката на ВМ Кирил Георгиев и на ВМ Влатко Богдановски. Тоа значи дека ВМ Трајко Недев ќе игра на првата табла и ќе има многу потешка задача на ова првенство, отколку на она во Струга. Од друга страна, од здравствени причини јас тогаш не настапував и само ја извршував должноста на капитен, но овојпат ќе бидам активен заедно со колегите ВМ Звонко Станојоски и ВМ Роландо Кутиров. Новитет е тоа што ни се приклучува ЖИМ Габриела Коскоска, па можеме да ветиме дека целосно ќе се вложиме во одбраната на клупското реноме“, изјави ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, капитен на екипата.
ЖИМ Габриела Коскоска е актуелен државен првак во женска конкуренција, која на последното одиграно првенство во 2024 година уште еднаш се издигна над конкурентките, а оттогаш не се случи организација на нови поединечни првенства. Иако искуството е нејзин адут, таа е возбудена бидејќи многу нешта ќе ги искуси за првпат.
„Учеството на овој турнир е голем предизвик за мене од повеќе причини: за првпат ќе настапам на Светското екипно првенство и за првпат ќе играм во најсилниот тим на ШК Алкалоид, во кој досега доминирале мажите, а воедно ова е и прво првенство за сениори на кое ќе настапам. Има 36 тимови од 23 шаховски федерации, меѓу кои доминираат играчите со велемајсторски титули, како и оние што се интернационални мајстори. Конкуренцијата е силна, нѐ очекуваат сериозни мечеви, но убедена сум дека ШК Алкалоид има капацитет и дека ќе ја искористи секоја шанса за добар пласман“, вели ЖИМ Коскоска.
Мечевите од 1. коло стартуваа во неделата на 19 април. ШК Алкалоид во првите четири кола избори три победи, а имаше и еден пораз од прворангираниот носител, репрезентацијата на САД. Во првото коло беше совладана Холандија со 4 : 0, а во второто, при три изедначени резултати, ВМ Звонко Станојоски ја донесе победата (2,5 : 1,5) против тимот на „Политехника Каталонија“. Поразот од САД со 3 : 1 беше прокнижен во третото коло, додека, пак, во четвртото коло, со идентичен резултат, нашите шахисти славеа над Шкотска.
Во моментов тие се на делба од 5. до 9. место на табелата, а во петтото коло ќе играат против репрезентацијата на Казахстан (жени). Потоа ќе следува слободен ден, а по завршувањето на последните четири кола, кои се на програмата од 25 до 28 април, ќе биде скроена и конечната табела.
Фото: ШК Алкалоид