Пелистер „не му дава“ на Митревски да се пензионира – го потпиша на уште две сезони!

Некои вредности се поважни од секоја победа и секоја титула. Затоа нашата одлука е недвосмислена – да ги задржиме тие вредности во клубот, се зборовите со кои челниците на Пелистер ја потврдија продолжената соработка со репрезентативниот голман, Никола Митревски.

Тој ќе го носи дресот на битолскиот клуб и во сезоната 2026/27, со опција договорот да биде продолжен и за 2027/28, кога би навлегол во 43. година од својот живот. Од клубот не ја кријат гордоста што еден од најдобрите македонски чувари на мрежата во историјата останува дел од нивното семејство.

„Митревски е роден победник, дете на клубот, човек кој се изгради и како личност и како професионалец со преку две децении врвен ракомет. Освојуваше титули каде и да настапуваше, но задоволството е уште поголемо кога заеднички се радуваме на трофеи во Битола. Така ќе биде и во иднина“, порачуваат од Пелистер.

Митревски, пред да се врати во Битола во 2024 година, настапуваше за повеќе клубови, меѓу кои Вардар, Металург, како и романска Констанца и португалските Бенфика и Порто.