Ужасна вест: Ламин Јамал го пропушта „Ел Класико“, можеби дури и Мундијалот!?

Еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Ламин Јамал, се повреди на синоќешниот натпревар меѓу Барселона и Селта (1-0), по што го напушти теренот, а прогнозите за негово враќање не се најдобри.

Повредата се случи при изведување пенал, од кој го постигна победничкиот погодок за Каталонците, што веднаш предизвика загриженост во Шпанија, особено бидејќи до почетокот на СП 2026 има уште помалку од два месеци. Јамал денеска ќе оди на дополнителни прегледи по кои ќе биде познато колку време ќе отсуствува.

Најоптимистичкото сценарио е истегнување на мускул, што би значело пауза од една до три недели, но во случај на делумно кинење, паузата би била до два месеци. Тоа практично би значело пропуштање на дуелот со Реал Мадрид на 10 мај, на кој Барса би ја прославила титулата, но шанса за делумна подготвеност за Мундијалот. Најлошата опција е целосно кинење на мускул, што би значело пауза од најмалку три месеци и пропуштање на Светското првенство.

Јамал е еден од клучните играчи на шпанската репрезентација, која важи за еден од главните фаворити за титулата.