Офсајд-политика: Трамп бара Италија да го замени Иран на СП 2026!

Неверојатна иницијатива доаѓа од Вашингтон – висок пратеник на американскиот претседател, Доналд Трамп, побарал од ФИФА селекцијата на Иран да биде исфрлена од Светското првенство и на нејзино место да влезе Италија.

Според „Фајненшл Тајмс“, Паоло Замполи ја предложил оваа идеја директно до Трамп и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, а негов аргумент бил што Италија има четири светски титули и „заслужува“ место на турнирот. „Аѕурите“ не се квалификуваа за турнирот, откако беа елиминирани од БиХ во баражот – што значи дека ова ќе биде трет Мундијал по ред без Италија.

Целата приказна има и политичка позадина. Според извори, потегот е дел од обидите да се поправат односите меѓу Трамп и италијанската премиерка Џорџиа Мелони. Во меѓувреме, Иран јасно порача дека доаѓа на Мундијалот. Иако претходно изразија загриженост поради безбедносни причини, од Техеран сега велат дека се подготвени за настап. Трамп изјави дека Иранците се „добредојдени“, но и дека ситуацијата може да биде чувствителна.

Од ФИФА засега молк, но Инфантино неодамна беше дециден: „Иран се квалификуваше и треба да игра“. Јасно е дека во оваа идеја има повеќе политика отколку фудбал, но и дека засега шансите да се реализира се еднакви на нула.