Македонски тренер е најнова жртва на "чудото од Словенија"!

Фудбалските куп-натпреварувања повторно ја потврдија својата магија, откако второлигашот Бриње направи големо изненадување и се пласира во финалето на Купот на Словенија.

Тимот од малото место Гросупље (7.500 жители) во вчерашното полуфинале славеше на гостувањето кај прволигашот Радомље (1-0), на чија клупа седи македонскиот тренер Југослав Тренчовски, а херој на мечот беше Никола Јовичевиќ, кој го постигна победничкиот гол во 87. минута (види ТУКА). Бриње со ова продолжи со неверојатниот куп-настап. Во шеснаесетфиналето го елиминираше Марибор (2-1), потоа беше подобар од Бистрица со ист резултат, а во четвртфиналето ја исфрли и Олимпија Љубљана (1-0).

Финалето ќе се игра во Целје, а ривал на Бриње ќе биде победникот од дуелот меѓу Браво и Алуминиј. Покрај куп-успехот, Бриње има и сериозни амбиции за пласман во елитата. Во моментов се втори во Втората лига на Словенија, со три бода помалку од лидерот Нафта.

Разликата во вредноста на тимовите дополнително ја потенцира сензацијата – Бриње вреди околу 2,19 милиони евра, додека Марибор има 12,6 милиони, Олимпија Љубљана 11,7 милиони, а Радомље околу 4,5 милиони евра.