МВР и ОЈО го потврдија апсењето на Сејдини за – проневера и злоупотреба!
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) објаснија зошто доскорешниот предводник на македонскиот фудбал бил уапсен.
„Полициски служеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје го лишија од слобода лицето М.С. поради сомненија за сторени кривични дела - проневера и злоупотреба“, се вели во соопштението на МВР.
Информацијата беше потврдена и од Основното јавно обвинителство, иако во соопштението нема ниту име, ниту иницијали на приведениот.
„Во рамките на предмет оформен од ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела - проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за понатамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек“, стои во соопштението на ОЈО.
Сејдини е првиот претседател на некоја од најголемите спортски федерации во државата кој бил приведен поради сомнение за криминал додека ја извршувал функцијата. Тој пред неколку недели беше суспендиран од Куќата на фудбалот на две години поради „измама и доведување во заблуда на Управниот одбор“, предмет поради кој сега е осомничен и од правосудните органи во државата. Тој беше претседател на ФФМ од 2019 до 2024 година, кога во ноември си поднесе оставка.