Oклахома и вторпат го победи Феникс, но остана без еден од најдобрите (ВИДЕО)

Актуелниот шампион во НБА, тимот на Оклахома ја продолжи доминацијата во плејофот на Западот и во вториот натпревар против Феникс, славејќи со 120-107. Иако победата беше нешто потешка од првата, јасно е дека противникот засега не може да им парира на „громовите“.

Сепак, радоста од триумфот ја засени повредата на Џејлен Вилијамс, кој ја повреди задната ложа и предизвика загриженост кај навивачите во Оклахома.

До победата тимот го предводеше феноменалниот Шеј Гилџис-Александер со 37 поени, девет асистенции и пет скока. Одлична поддршка имаше од Чет Холмгрен и Вилијамс, кои реализираа по 19 поени, при што Холмгрен додаде и осум скока. Двоцифрен беше и Дејвион Мичел со 14 поени, пет скока и пет асистенции.

Кај Феникс, најефикасен беше Дилон Брукс со 30 поени и шест скока, додека Девин Букер запиша 22 поени, седум скока и четири асистенции. Солиден настап имаше и Џејлен Грин со 21 поен, а двоцифрен беше и Ројс О’Нил со 16 поени, девет скока и четири асистенции.

Следните два натпревари се играат во Феникс, а првиот е закажан за сабота од 21:30 часот по наше време.

Во вториот меч одигран ноќеска, Детроит го совлада Орландо со 98-83 и израмни на 1-1 во серијата на Истокот.

Орландо ќе биде домаќин на следните два натпревари, а првиот е на програмата во сабота од 19:00 часот.