ТФТ потклекна во второто полувреме, Широки го зададе првиот удар

Екипата на Широки поведе со 1-0 во финалето на АБА 2 лигата откако вечерва го совлада нашиот ТФТ со 88-69.

Нашиот тим одигра извонредно прво полувреме, но потклекна во второто и ја прекина серијата од три победи во регионалното натпреварување. Особено беше проблематичен влезот во последниот период бидејќи во првите седум минути ТФТ постигна само три поени, а прими 19.

Вицешампионот на Македонија одлично го почна натпреварот, водеше со 11 разлика во првата четвртина, а и на голем одмор имаше солидна предност (44-37). Сепак, Широки го сврте резултатот во своја корист благодарение на серијата од 13-0 во третиот период, до крајот на таа четвртина беше израмнето, а потоа почна финалниот спринт на Широки кој знаеше како да ја сочува предноста. Во целото второ полувреме ТФТ постигна само 25 поени.

Најефикасен беше Ентони Говенс со 17 поени, сите во првото полувреме, Гордон постигна 14, а тројка кошаркари имаа по 11. Вториот натпревар од серијата се игра идната среда во Скопје, а ТФТ во него нема право на пораз.