Маленко ѝ одговори на АМС: Самите нè признавте, нè гушкавте и одеднаш сега не ви чиниме!

Иако на момент делуваше дека состојбите во македонското пливање ќе тргнат кон подобро, па прославениот македонски пливач Александар Маленко во минатата година беше избран за нов претседател на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), одеднаш нова бура се случува во еден од најдобрите макеоднски спортови во минатото.

Маленко денеска го откри целиот хаос, кој според него почнува од директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски и мешањето во ПФМ, иницијативата за ново Собрание и нелегитимноста на ова, за кое Маленко вели дека е легиимно и признаено од АМС во минатата година.

„Повод за нашата информација доставена и до Владата на РМ, беше незаконската иницијатива за повикување на ново Собрание. Со тоа се прекршени низа закони на Македонија, по што следеше нашата информација испратена до соодветните тела. Не сме запишани во Централен Регистар, што е многу чудно, а имаме правници на кои не им е јасно до каде оди работата, но има кој ќе го истражи и сето тоа. Бевме обвинети за немање на завршна сметка, а со законот на Македонија вие се бришете од Централен Регистар ако немате две години поднесено завршна сметка, а ние ете немаме такво нешто“, реагира Маленко.

Тој потенцира дека при неговиот избор претставник на АМС бил присутен и дека промената за подобра иднина во пливањето била оценета како легитимна.

„Велат дека сме нелегитими, а самите од АМС имаа претставник на тоа Собрание. Тие тоа го бараа, и тогаш од инспекторот сето тоа беше оценето како легитимно. Потоа бевме во АМС, не гушкаа, дури не испратија и на првенство. Тогаш се беше во ред, сега одеднаш не чиниме. Потоа е посочено дека 15 клубови бараат Вонредно собрание. Јас тврдам дека ние немаме такво писмо со печати и потписи од клубови за Собрание. Според Статут сме должни да организираме такво Собрание. На 19 октомври ние Статутот го усогласивме со нормативно-правните акти и врз база на тој Статут е направено Собранието каде е избран претседател. Тој инспектор што ги следеше случувањата, има аудио снимка на која самиот инспектор објаснува кои клубови се членки, дека се е усогласено со Законот за спорт. Општа оценка беше дека полегитимно и потранспарентно собрание немало. Такви клубови кои бараат смена не постојат, тие се фиктивни клубови зошто одеднаш Маленко не им одговара“, додава Маленко.

Пливачката легенда изрази и разочараност што не бил повикан на вчерашниот состанок во Владата со сите спортски федерации и порача дека политичарите треба да се тргнат од спортот.

„Ја поздравувам идејата за национална стратегија, но како таа се гради без повикување на федерациите за базичните спортови кои се основа на спортот. Премиерот Заев на таа средба кажа дека политиката и политичарите треба да се тргнат настрана од спортот и да го препуштат тоа место на спортските работници. Впрочем, ние два пати сме опоменати како држава за мешање на политиката во спортот, со гласна критика за овие случувања“, заврши Маленко.