Противниците на Маленко реагираа: Никна уште една Пливачка федерација!

Еден ден откако Пливачката федерација на Македонија одржа вонредно собрание и го реизбра Александар Маленко за претседател, нова активност на „зелена маса“ кај пливачите.

Иницијативниот одбор за смена на Александар Маленко, поддржан од Агенцијата за млади и спорт свика ново вонредно собрание на кое си избра нов, свој претседател. Федерацијата е една, меѓутоа, очигледно сега имаме две раководства.

„Денеска во 12 часот во просториите на конференциската сала на Спортскиот Центар Борис Трајковски се одржа вонредното собрание по барање на Иницијативниот одбор на кое учествуваа 14 клуба со решение за дејност спорт од Агенцијата за млади и спорт од вкупно 25 каде едногласно беше изгласан Статут, Претседател, заменик претседатели за пливање, далечинско пливање и ватерполо, Управен одбор и останати тела на Пливачката Федерација. За претседател на Пливачката федерација на Македонија едногласно со вкупно 28 гласа беше изгласан Дарко Нашков, предложен од ПК Челични од Штип За потпретседатели беа изгласани: Претседател за пливање Мартин Стефановски, претседател за пливање на отворени води Кире Трендафилов, ватерполо Сашо Спировски кои едногласно бес изгласани со 28 гласа од вкупно 14 делегирани клуба. Едногласно беше изгласан и новиот Управен одбор и тоа: Тодоровски Сашо, Ернест Вацев, Мустафа Рамадани, Наташа Мешковска, Александар Спирковски, Милчо Верушевски, Катерина Стојановска. На собранието присуствуваа вкупно 15 клуба од кои 14 со право на глас. Истото го поздравија и посакаа успешна работа, претставници од Агенцијата за млади и спорт ,Томче Андоновски (сектор спорт) и директорот Дарко Каевски“, информираа иницијаторите.

Несогласувањето на Маленко со Агенцијата за млади и спорт, датира од минатиот месец, кога АМС не ја признава неговата легитимност како претседател. Претходно, токму АМС беше таа која го поддржа Маленко да ја преземе федерацијата, минатата есен, па тој од 18 ноември фигурира како претседател. Во меѓувреме, Маленко се обрати и на јавноста давајќи свое објаснување на случајот.