Македонија конечно добива анти-допинг агенција

Македонија наскоро ќе добие анти-допинг агенција по примерот на странските земји. Во нашата држава досега постоеше само Комисија за анти-допинг, која беше дел од Агенцијата за млади и спорт, но во иднина со овие измени таа треба да биде независно тело. 

Владата ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да почне со организирање на средби и прибирање информации од соседството за формирање на Агенција за анти-допинг. Чистиот спорт треба да биде приоритет на оваа нова агенција. Во Македонија досега немало премногу случаи на спортисти кои паднале на допинг-тест, но низ годините ги имаше неколку.

Ваков чекор на нашите државни органи секако ќе придонесе за кревање на професионализмот во македонскиот спорт.

На оваа седница Владата ја разгледа информацијата на Агенцијата за млади и спорт за потребата од основање самостојна независна Агенција за анти-допинг на Република Северна Македонија. За оваа цел Владата ја задолжи Агенцијата за млади и спорт во рок од 6 (шест) месеци да иницира и оствари координативни средби со претставници на националните анти-допинг организации на земјите од непосредното соседство и Светската анти-допинг агенција (WADA) со цел размена на искуства од кои ќе произлезат препораки за најдобра пракса согласно релевантни индикатори по што ќе изготви компаративна анализа со можни решенија и препораки за организациската поставеност и фискалните импликации заради основање на Агенција за анти-допинг на Република Северна Македонија.

Основање на Агенција за анти-допинг произлегува и од обврските од Меѓународната конвенција за борба против допингот во спортот на УНЕСКО што нашата земја ја потпиша во 2008 година и која, меѓу другото, има за цел да ја намали фреквенцијата на допинг супстанци и останати забранети допинг средства и методи, да ја засили допинг контролата со примена на најнови технологии за неговото откривање, да ја гарантираат ефикасноста на санкциите кои се преземаат против оние кои применувале допинг, како и да соработува со спортските организации на меѓународен план во борбата против допингот.